Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре ќе престојува во посета на Киев, соопшти портпаролот на Комисијата. Тој истакна дека посетата се совпаѓа со Денот на Европа – 9 мај.
„Топло ја поздравуваме најавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Денот на Европа во иднина ќе се слави во Украина“, додаде портпаролот.
Според него, разговорите меѓу Фон дер Лајен и Зеленски ќе ги опфатат сите прашања од билатерален интерес, вклучително и подготвеноста на Киев да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ.
Портпаролот потврди дека Европската комисија во петокот минатата недела им ги предала на земјите од ЕУ предлозите за дополнителни санкции против Москва. Тој објасни дека тие главно се однесуваат на примена на санкции и спротивставување на обидите за нивно заобиколување.