Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен во рамки на нејзината четиридневна турнеја низ шесте земји од Западниот Балкан, денеска ќе престојува во Скопје.
Според најавите, за време на посетата на земјава Фон дер Лајен ќе има средби со претседателката Гордана Сиљановска Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.
Во пресрет на посетата на Фин дер Лајен на регионот, Европската комисија вчера ги одобри реформските агенди на Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со кои ти се обврзуваат на социо-економски и фундаментални реформи што ќе ги спроведат во периодот од 2024 до 2027 година за да поттикнат раст и поврзување со ЕУ. Одобрувањето на реформските агенди беше клучен чекор за да се овозможат исплати на средства во рамки на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, чија вкупна вредност е шест милијарди евра.
Како што информира вчера заменичката на главниот портпарол на ЕК, Аријана Подеста, токму Планот за раст, како и напредокот на европски пат на земјите од Западниот Балкон ќе бидат главни теми на средбите на Фон дер Лајен со нејзините домаќини за време на турнејата низ регионот.
Проширувањето е клучен приоритет на Комисијата и тоа го повторувавме изминатите годините, што и го докажавме во текот на првиот мандат, а секако ќе продолжиме да го сметаме како приоритет и во вториот мандат. Тоа е нешто што го најави и самата претседателка (Фон дер Лајен), додаде Подеста.
Фон дер Лајен во Скопје ќе допатува во Тирана, каде претпладнево ќе се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. Својата балканска турнеја таа и ја започна од Тирана, каде вчера имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама и се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа. По средбата со Рама, Фон дер Лајен најави дека Европската комисија следната недела ќе ги објави извештаите за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ.
Фон дер Лајен од Скопје попладнево ќе отапува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. Утре претпладне таа во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, по што ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ.
В сабота Фон дер Лајен ќе престојува во Приштина, каде ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе отпатува за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ.
Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓу време таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.
На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.