Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лaјен денеска попладне ќе пристигне во посета на Република Северна Македонија, со која ќе ја започне нејзината турнеја низ регионот на Западен Балкан.

Како што најавија од владиниот Сектор за односи со јавноста, премиерот Димитар Ковачевски заедно со владина делегација ќе ја пречека претседателката на ЕК Фон дер Лајен пред платото на Владата.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски се заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши.

Главната порака која ќе ја пренесе претседателката на Европската Комисија, е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот, јави дописничката на МИА од Брисел. Нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан е во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија, најави портпаролот Ерик Мамер.

– Оваа посета се разбира се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици, рече Мамер.

Како што и самата најави минатата недела од Стразбур, еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување енергенси со земјите од ЕУ. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.

-Пораката е солидарноста на ЕУ со регионот, ангажман преку програми кои имаат за цел да се поттикнат инвестиции и волја да се продолжи да се соработува со целиот регион, рече портпаролот.

Во однос на барањето на Северна Македонија да добие помош од Европската Унија за набавка на струја од Бугарија преку компензација на пазарната цена, Ерик Мамер изјави дека нема информации на оваа тема во овој момент.

Портпаролот за енергија на Европската Комисија, Тим Мекфи, за МИА пред неколку дена исто така порача дека за сега ова македонско барање не е на маса во Брисел. Останува да се види дали македонските власти повторно ќе го побараат тоа од фон дер Лајен и дали таа ќе биде во можност да пружа помош.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела најави дека пакет за енергетска поддршка од Европската комисија за регионот во вредност од една милијарда евра ќе биде презентиран неделава во Скопје од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.

Османи, како што кажа, бил информиран од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за финансиски пакет за регионот, во износ од милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, најави дека со еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон наскоро ќе го потпишат Договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.

-Со овој Договор ќе се овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или странски полициски службеници на критични точки на границите, рече Спасовски викендот на прес-конференцијата по Министерската конференција Прашки процес на која присуствуваше и еврокомесарката Јохансон.

Тој додаде дека распоредувањето на персонал на ФРОНТЕКС ќе уследи по повеќегодишната реализација на Заедничката операција на јужната граница на Република Северна Македонија, во рамки на која странски полициски службеници од повеќе европски земји и партнери заеднички работат на зачувување на границите и на безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и зачувување на границите и безбедноста на државјаните на Европската Унија.

После Скопје, Фон дер Лајен ќе отпатува во Приштина и Тирана во четврток, Сараево и Белград во петок и во Подгорица во сабота.

Поради посетата на Фон дер Лајен од МВР најавија посебен сообраќаен режим за денеска и утре по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје.