Активности на Фондот и дигитализација

Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа 32. седница, на која беа разгледани реализираните активности и тековните процеси. Директорот на Фондот, Никола Мемов, информира дека предвидените активности се одвиваат согласно планот, а процесот на дигитализација на архивата се одвива непречено во рамките на СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.

Мемов истакна дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, особено во Комисиите за процена на способноста, каде бројот на нерешени предмети е значително намален.

Финансиски резултати и наплата на закупнини

Управниот одбор ја усвои Завршната сметка за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи, рече:

„Од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.“

Членот на Одборот, Станка Трајкова, оцени дека финансиското работење е позитивно и задоволувачко. Одборот исто така разгледа информации за наплатата на закупнините за станбен и деловен простор. Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски, информира дека наплатата кај станбениот простор се одвива непречено преку задршка од пензиите, а кај деловниот простор во два случаи биле прекршени одредбите од договорот, кои се раскинати. Просторите ќе бидат повторно понудени на лицитација по проценка на вредноста за изнајмување.

Двостолбниот пензиски систем и докуп на стаж

Одборот ги разгледа и информациите за остварените права од двостолбниот пензиски систем и докупот на стаж. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова, информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници, а 130 лица досега оствариле право на старосна пензија. Од нив, 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.

Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот останува висок. Во 2025 година се поднесени 840 барања, од кои 791 се одобрени, 21 е одбиено, а 11 предмети се во тек на решавање. До 31 декември 2025, по овој основ, од Фондот се наплатени 4.222.217.002 денари.