Ако досега сите во Соединетите американски држави настапуваа воздржано, Ford веќе премина во директна офанзива и им даде ултиматум на своите работници – вакцинирајте се во наредниот месец. Работното место на сите што ќе одбијат да се вакцинираат им е загарантирано, но не и платата – ако седат дома нема да ја добиваат. Со оваа одлука на Ford се опфатени околу 32.000 работници за кои не е објавено во колкав процент се вакцинирани.

За да ги ублажи последиците од својот цврст став дека во неговите погони нема место за невакцинираните, раководството на Ford јасно кажа дека поединечно за секој случај ќе бидат разгледани сите верски или медицински причини на поединците кои не сакаат, не можат или не смеат да се вакцинираат. Но додека се разгледуваат овие случаи, сите без исклучок ќе бидат испратени дома без плата во наредните 30 дена. А понатаму, што ќе им даде господ.

Според Ford веќе 84 отсто од неговите работници во Америка имаат примено барем една доза вакцина. Колку за информација, основата за оваа своја одлука Ford ја има најдено во претстојната регулатива на американските здравствени власти која предвидува сите компании кои имаат повеќе од сто вработени да наложат задолжителна вакцинација на целиот свој персонал.

Единствениот исклучок што е на повидок е можен само доколку тие што не се вакцинирани редовно доставуваат негативни тестови, кои нормално ќе бидат на нивни сопствен трошок, иако синдикатите се против ваквиот развој на настаните.