Соединетите Американски Држави и Израел разговараат за можноста за создавање привремена влада во Појасот Газа со поддршка од Обединетите нации и учество на арапските држави, пренесува Блумберг повикувајќи се на свои извори, пренесува МКД.мк.
Како што наведува американската агенција, разговорите меѓу страните се во рана фаза и ќе зависи од развојот на палестинско-израелскиот конфликт, особено од копнената операција на израелските трупи.
Формирањето привремена влада во Појасот Газа ќе биде „неверојатно тешка задача“, додека придобивањето поддршка од арапските држави „ќе биде уште поголем предизвик“, пишува Блумберг.
„Планот кој ги вклучува арапските држави ќе бара значителни промени во начинот на кој арапските земји ги перцепираат ризиците и работат едни со други“, вели поранешниот аналитичар на ЦИА Вилијам Ашер. „Ќе се бара и доверба во Ерусалим, а овој ресурс сега е во голем дефицит“.
Американски Си-ен-ен пренесува дека САД и нивните западни сојузници, во приватните разговори со израелските функционери, не го одвраќаат Израел од копнена операција во палестинската енклава, туку бараат од нив да размислат за долгорочна стратегија во врска со идниот развој на Појасот Газа, како и избегнување на долготрајна окупација и цивилни жртви.