Македонец подготвувал ликвидација на нарко дилер во Белград
Белградската полиција истражува експлозија што се случи вчера во изнајмен стан на улицата Косовска, при што, според српските медиуми, животот го загубил граѓанин на Македонија. Несреќата, според првичните информации, се случила во момент кога тој подготвувал експлозивна направа со голема разорна моќ, наводно наменета за ликвидација на нарко дилер во Белград
Официјална потврда за идентитетот на загинатиот сè уште нема. Во истрагата се вклучени сите полициски служби, како и Безбедносно-информативната агенција и Вишото јавно обвинителство во Белград.
- – „Оперативните информации укажуваат дека бомбата била наменета за нарко дилер во Белград. Целата мрежа на криминални пресметки што е подготвена во главниот град е поврзана со навивачки структури блиски до криминални групи,“ изјавил соговорник за Курир.
Експлозијата се случила на третиот кат од станбена зграда, а првичните претпоставки беа дека се работи за плинска боца. Сепак, подоцна било утврдено дека станува збор за импровизирана експлозивна направа.
Силата на детонацијата предизвикала разорување на преградните ѕидови и подот во станот, скршени прозорци, како и оштетување на неколку возила паркирани на улицата.