Бугарските власти соопштија дека 14-годишниот Михаил, осомничен за убиството на македонскиот државјанин И.Н., и претходно имал извршено кривични дела како кражби и разбојништва.
Убиството според истрагата се случило во шумски предел во близина на црноморската туристичка област Сончев град уште минатата сабота кога убиениот Македонец не се вратил во своето престојувалиште. Внукот на жртвата во вторникот го пријавил исчезнувањето, а телото било најдено во четвртокот наутро.
По истрагата осомничен е 14-годишниот Михаил за кого бугарските медиуми објавија дека лани имал сличен инцидент кога претепал Украинец исто така со дрвен колец и му го украл златниот накит.
-Да имаш извршено повеќе кривични дела до 14 години и да имаш криминално досие, не може да се смета воопшто за прифатливо однесување, изјавил Калојан Калојанов, висок комесар на полицијата во Бургас, задолжена за истрагата.
На убиениот Македонец кој до смрт бил претепан со дрвен колец му биле украдени 1.800 левови (околу 900 евра).
Полициските инспектори ги откриваат деталите засега според исказот на осомничениот.
-Имале контакт на улица и претходно не се знаеле. Според исказот се договориле за некаков сексуален контакт и заминале на местото на злосторот. Осомничениот се предомислил, но според неговиот исказ, убиениот инсистирал на договореното по што бил нападнат и убиен со повеќе удари од колец по глава, истакна надлежниот обвинител Иван Кирков.
Не е најден телефонот на жртвата, а утврдено е и дека се украдени пари од убиениот.
-Утврдено е дека од украдените 1.800 левови, осомничениот откупил работи оставени под залог во заложна куќа, а со останатите пари купувал други предмети, рече комесарот Калојанов.
Осомничениот малолетник поради возраста ќе добие поблага казна доколку биде гонет за убиство, максималната казна е 5 години лишување од слобода додека ако делото се преквалификува како убиство од користољубие, казната може да биде многу повисока.
Убиениот секоја година работел за ист сопственик во туристичките региони во Бугарија. Преку лето работел во објект на Сончев Брег кај Несебар, зиме во Банско.