Надлежните бараат трпение од граѓаните за време на градежните работи на делот од магистралата Охрид – Кичево, од Подмоље до Охрид, што предизвикува времени застои во сообраќајот на влез и излез од Охрид.
Најкритично е од аеродромот до Подмоље, како и на стариот пат Струга – Охрид од Подмоље до Охрид.
Граѓани реагираат дека попладнево колоните од Струга за Охрид биле долги колку и самиот пат.
Делумно големиот застој во сообраќајот денеска на излез и влез во Охрид, се должи и на бројните делегации, учесници на Преспа форумот, што се одржува во Струга. Поради тоа на периоди отежнато се одвиваше и сообраќајот во центарот на Охрид.
Министерот Благој Бочварски при денешната работна посета на градилиштето од Подмоље до Охрид, најави дека работите на оваа делница ќе бидат готови до 10 јули, односно до стартот на туристичкиот шпиц и побара разбирање како од охриѓани, така и од локалната самоуправа која, деновиве силно ја критикува централната власт за избраниот тајминг за извршување на градежните работи на влезот од Охрид, кои се дел од изградбата на автопатотОхрид-Кичево, кој со многу проблеми се гради од 2014 година.