Победа во 44 општини, изборите неуспешни во три

Според најновите податоци од Државната изборна комисија, обработени на 99,94 отсто од избирачките места, градоначалници во првиот круг се избрани во 44 општини. ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички позиции во 32 општини, СДСМ во 3, коалицијата ВЛЕН во 5, а коалицијата НАИ во 4. Во општините Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше изборите не успеаја поради недоволна излезеност од најмалку една третина од избирачите.

Каде победија најголемите политички сили

ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг победи во: Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица и Штип.

СДСМ во првиот круг освои три општини: Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани.

ВЛЕН победи во Арачиново, Желино, Сарај, Чаир и Теарце, додека НАИ, предводена од ДУИ, во Гостивар, Липково, Пласница и Чашка.

ВМРО-ДПМНЕ доминира во Скопје, зад нив се Левица

Во Град Скопје, според целосно обработените резултати, најмногу гласови за Советот освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 35,15 проценти, следат Левица со 11,83%, ВЛЕН со 11,77%, ДУИ со 11,64% и СДСМ со 10,56%. Во трката за градоначалник, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ води со 39,43% или 91.582 гласа, додека Амар Мециновиќ од Левица има 13,20% или 30.659 гласа. Тие двајца ќе се соочат во вториот круг на 2 ноември.

СДСМ ДУРИ ЧЕТВРТА ПАРТИЈА ВО „БАСТИОНОТ“ КУМАНОВО: Максим Димитриевски и Горан Стојковски – Диро во втор круг за избор на градоначалник на Куманово