Откако до редакцијата на Радио Лидер пристигнаа фотографии од граѓани за  тоа каква е сликата пред МВР, кај МРТВ, сликата не е поразлична и пред полициската станица кај Беко во центарот на Скопје.

Граѓаните се жалат дека цел ден чекаат за вадење на лични документи, а очевидци сведочат дека во еден момент поради тензичната ситуација меѓу тие што чекаат за документи,  морале  да интервенирааат и полициските службеници.

Нервозата кај граѓаните е разбирлива , затоа што во сопствена држава мака мачат да ги извадат личните документи кои им се потребни по најразлични основи.

Според неофицијални информации, надградбата на системот за лични документи која се правеше пред неколку недели, била токму поради имплементирање на новото име- Република северна Македонија.

Како решение од МВР соопштија дека истечените патни исправи добиваат дополнителна важност до крајот на годината. Сепак граѓаните не сакаат да ризикуваат, посебно при патување надвор од државата.

Од МВР пак соопштија дека гужвите се поради тоа што службите не работеле два дена.

Денеска во одреден период имаше поголем број на граѓани поради тоа што за фотографирање за пасош покрај редовно закажаните термини дојдоа и граѓаните кои имаа закажано термин за сликање во минатиот четврток и петок, денови кога службите не работеа поради надградбата на системот. Од денеска системот функционира стандардно и сите граѓани кои имаат закажано термин ќе ја добијат соодветната услуга, посочуваат од МВР.

И додека граѓаните чекаат во редици пред просториите на Министерството за внатрешни работи за да извадат лични документи, опозицијата обвини дека ова е нов „кластер“ на зараза.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност за застојот во издавањето на пасоши, лични карти и регистарски таблички, а обвинуваат и дека се создава нов кластер во време на пандемија.