По неколку децении Кина ја намали проекцијата за економски раст
Кина ја намали целта за економски раст за 2026 година на меѓу 4,5 и 5 проценти, што претставува најниско поставен опсег во последните неколку децении. Истовремено, властите во Пекинг најавија повисок фискален дефицит, предупредувајќи дека економијата се соочува со сè поголеми „тешкотии и предизвици“, пишува Фајнешл Тајмс.
Новите економски цели ги соопшти кинескиот премиер Ли Кианг на отворањето на годишната седница на кинескиот парламент во Пекинг. Тој истакна дека геополитичките ризици растат, глобалниот економски раст останува слаб, а мултилатерализмот и слободната трговија се под сериозна закана.
Целта за бруто-домашниот производ претставува мало намалување во однос на минатата година, кога владата се стремеше кон раст од околу 5 проценти, што беше и постигнато во 2025 година.
Предизвици на домашниот пазар
Ли призна дека кинескиот пазар на недвижности и натаму се наоѓа во длабока криза и дека економијата поминува низ период на прилагодување. Според него, постои сериозен дисбаланс меѓу силната понуда и слабата побарувачка, а на граѓаните им е сè потешко да најдат работа и да ги зголемат своите приходи.

Сепак, премиерот нагласи дека економијата во изминатата година покажала „значителна отпорност“, при што Кина успеала да ги диверзифицира извозните пазари и да ги зголеми инвестициите во истражување и развој.
Во рамките на новиот петгодишен план, Пекинг има амбиција да постигне глобална технолошка доминација, но земјата се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои забавувањето на домашната економија и влошените глобални услови.
Зголемен буџет за одбрана и порака кон Тајван
Покрај економските мерки, кинеската влада најави и зголемување на буџетот за одбрана за 7 проценти, што и понатаму значително го надминува растот на вкупните јавни трошоци.
Во извештајот беше заострена и реториката кон Тајван. Ли порача дека Пекинг „решително ќе се спротивстави на силите кои се залагаат за независност на Тајван“ и ќе продолжи да работи на „национално обединување“.
Кина постави и фискален дефицит од 4 проценти од БДП за наредната година, што е вторпат по ред да го надмине претходно поставениот праг од 3 проценти. Владата истовремено се обидува да ја поттикне домашната потрошувачка, бидејќи слабата доверба кај домаќинствата и дефлациските притисоци остануваат сериозен проблем за економијата.
