Триста новопримени професионални војници денеска ја положија свечената заклетва во касарната во Велес, со што официјално стапија во редовите на македонската Армија, на настан на кој присуствуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Министерот Мисајловски ја оцени заклетвата како длабока и одговорна обврска што ја преземаат новите припадници на Армијата, нагласувајќи ја нивната улога во заштитата на граѓаните и уставниот поредок.
„Денеска, во касарната во Велес, имав чест да присуствувам и да се обратам на свечената заклетва на 300 новопримени професионални војници на македонската Армија. Овие млади луѓе се новата сила, енергија и иднина на Армијата“, истакна Мисајловски.
Според него, заклетвата што ја дадоа новите војници не претставува само формален чин, туку носи сериозна и трајна одговорност кон државата.
Како што посочи министерот, станува збор за обврска за заштита на граѓаните, уставниот поредок и татковината – Македонија.
„Да се биде дел од македонската Армија е чест, но и голема одговорност. Ќе продолжиме посветено да работиме на унапредување на условите, стандардите и правата на припадниците на македонската Армија, со цел да градиме силна, професионална и мотивирана Армија, подготвена да одговори на сите безбедносни предизвици и да ја чува сигурноста на нашите граѓани“, порача тој.
