Кои прекршоци се санкционираат од „Сејф сити“ и која цена?

Во рамки на мерките за зголемување на сообраќајната безбедност и доследна примена на законските прописи, Министерство за внатрешни работи ги информира граѓаните за прекршоците кои се евидентираат и санкционираат преку системот „Безбеден град“, како и за висината на предвидените глоби.

Казни за брзина и поминување на црвено светло

За пречекорување на дозволената брзина во населено место, каде ограничувањето изнесува до 50 километри на час, а по исклучок до 70 километри на час со соодветна сигнализација, се предвидуваат глоби од 15 евра за надминување до 10 километри на час, 50 евра за пречекорување од 10 до 30 километри, како и 300 евра со забрана за управување од три до 12 месеци за пречекорување од 30 до 50 километри на час.

Надвор од населено место, каде ограничувањата изнесуваат 130 километри на час на автопат, 110 на пат за моторни возила и 90 километри на час на останатите патишта, глобите се движат од 20 евра за надминување до 30 километри на час, 50 евра за пречекорување од 30 до 50 километри, до 300 евра со забрана за управување од три до 12 месеци за надминување од 50 до 70 километри на час. Поминувањето на црвено светло се санкционира со глоба од 250 евра и изрекување забрана за управување во траење од три до 12 месеци.

Непрописно паркирање и нерегистрирани возила

Непрописното запирање и паркирање на пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места наменети за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари, автобуски постојки и други критични локации се казнува со глоби во износ од 25, 40, 150 или 180 евра, во зависност од тежината на прекршокот.

За учество во сообраќај со нерегистрирано возило, односно без важечка сообраќајна дозвола или без регистарски таблици, предвидена е глоба од 500 евра. Доколку сообраќајната дозвола е истечена до 30 дена, глобата изнесува 100 евра.

Можност за намалување: Ако се плати во првите 8 дена се плаќа 50% од глобата

Согласно законските одредби, доколку глобата се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа 50 проценти од изречениот износ. Во случаите кога е изречена и забрана за управување, таа се определува во половина од пропишаниот рок.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зголемување на личната и општата безбедност и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.