Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, порача дека општината мора да биде чиста општина, а за тоа треба сите да дадет свој придонес.

Ѓорѓиевски присуствуваше на акцијата за чистење на депониите во Расадник, при што упати повик до сите жители да бидат одговорни. Ѓорѓиевски додаде дека општината ќе продолжи со ваквите акции.

Денеска сме во Расадник. Оваа дива депонија, која е двапати темелно исчистена во текот на изминатата година, за жал повторно е создадена од несовесни граѓани и затоа силно апелирам да покажеме колективна свест и грижа за животната средина во која живееме. Расадник е исклучително важна точка за Скопје, трета по големина зелена површина на која се одгледуваат автохтони сорти на овошја и затоа во никој случај не смее да биде загаден, рече Ѓорѓиевски.

Во рамки на активностите за подигнување на нивото на хигиената во општина Кисела Вода, во текот на минатата година беа расчистени 32 помали и поголеми депонии и собран беше околу 200 тони комунален и кабаст отпад.

Од општината информираат дека акциите за чистење засилено ќе продолжат, како и стратегијата секаде каде што постои можност на местото од депониите да се градат паркови или паркинзи.