Пеце од СОЗР дел од лажни новинари кои трошеле буџетски пари за владина седница
Пеце бил и „новинар“ по потреба. По денешната кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција (УФП) до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, се откриваат нови детали за случајот против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Пеце Мирчевски.
Повеќе може да прочитате од веста во продолжение.
Злоупотреба на буџетски средства
Според истрагата, Мирчевски во јануари 2022 година престојувал во Софија, претставувајќи се како новинар, заедно со уште пет лица, под изговор дека ќе известуваат од заедничката владина седница меѓу Македонија и Бугарија.
Пеце самиот се назначил како новинар. Но, тоа не застанало таму и тоа го направил за лицата во негова придружба.
„Со свој потпис, тој самиот се назначил за новинар, а истото го направил и за останатите лица во неговата придружба. Од државниот буџет биле платени шест еднокреветни соби со полн пансион, под изговор дека се ангажирани за медиумско покривање на настанот“, велат извори блиски до истрагата.
Кривична пријава за тешки злоупотреби
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Мирчевски за примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата. Дополнително, за сопственик на фирма од Скопје е поднесена пријава за давање поткуп.
Институциите најавуваат дека истрагата ќе продолжи, со цел утврдување дали има и други вклучени лица во случајот.