Би сакал да изразам задоволство што овој објект добива своја физиономија, беше заглавена процедурата, беше заглавена изградбата и проектот самиот по себе, но еве гледате за колку кратко време можеби недела до две веќе почнува да се извишува и тоа е добро, затоа што е дел од образовниот процес, добро е што жителите на овој дел од градот ќе можат да ја користат оваа спортска сала, но она коешто е најважно, учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе може да добијат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, во ракомет и во други спортови.

Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации, така што тоа е посебно треба да се истакне за овој проект, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски при поставувањето на камен темелник на спортската училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош.

-Јас му честитам на градоначалникот за успешно завршените подготвителни активност, сега останува на компанијата изведувач. Да се заблагодарам на администрацијата, на советниците, на пратеникот од Карпош којшто работат секојдневно за да овие проекти коишто дел од нив се во некоја полу форма добијат физиономија, добијат форма и во рокот да бидат завршени. Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти затоа што иднината е во најмладите иднината е во децата, образованието на децата ни е најважно и така ќе се однесуваме во годините коишто следат. Уште еднаш честитам и посакувам уште многу вакви проекти да се реализираат, истакна премиерот.