Поворката тргна од Скопскиот аеродром каде последна почит на загинатите со положување венци им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

На испраќањето присуствуваа и пратеници, како и претставници на верските заедници.

Последна почит оддадоа и претседателката на Косово Вјоса Османи и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола.

Венец положи и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, а по него во знак на почит се поклонија и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Посмртните останки претходно, од бугарските авиони ги преземаа припадници на Армијата и ги пренесоа до погребалните возила.

На загинатите почит може да им оддадат и граѓаните на плоштадот „Скендербег“ во Скопје каде се поставени венци.

Сообраќајната несреќа во која загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени се случи на на 23 ноември, на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник во Бугарија кога автобусот на „Беса транс“ – Скопје се враќал од Истанбул.