Скопје со најголем раст во зимската сезона 2025/26

Скопскиот аеродром бележи рекорден раст на воздушниот сообраќај во зимската сезона 2025/26, која започна викендов и ќе трае до 28 март. Според податоците на Ex-Yu Aviation, токму Скопје е предводник во регионот по зголемување на расположливиот капацитет во однос на минатата година.

Wizz Air како двигател на експанзијата

Главен фактор за овој историски раст е авиокомпанијата Wizz Air, која значително го прошири својот летен распоред и капацитет. Само во текот на зимската сезона, компанијата додаде 453.636 нови седишта од и кон македонската престолнина. Со тоа, скопскиот аеродром ја зацврстува својата позиција како најдинамичен центар на нискобуџетниот авиопревоз во регионот.

Погледнете ја табелата која ја објави медиумот БизнисИнфо.

Нови летови од Скопје и Охрид оваа зимска сезона

Од 27 октомври авиокомпанијата „Визер“ стартува со нови линии од двата македонски аеродрома – Скопје и Охрид. Станува збор за летови до Бари, Стокхолм, Мадрид, Ларнака и Базел, информираат од „ТАВ Македонија“. Првиот лет кон Стокхолм – „Арланда“ беше реализиран утрово во 6:05 часот, а летот кон Бари полетува денеска во 14:40 часот. Од Охрид, првиот лет за Базел беше во 12 часот.

Скопје пред Белград и Загреб

Иако аеродромите во Белград и Загреб исто така бележат пораст – со 315.817 нови седишта во Белград и 167.315 во Загреб – Скопје останува лидер по стапка на раст и по број на нови линии. Зголемената активност на Wizz Air дополнително влијае и врз развојот на туристичкиот и економскиот потенцијал на земјата, што го прави овој период еден од најуспешните во историјата на македонската авијација.

Wizz Air придонесува за зголемен капацитет и на неколку помали аеродроми во регионот, меѓу кои Тузла, Ниш, Бања Лука и Охрид, објавува Ex-Yu Aviation.