Шпанската полиција денеска соопшти дека разбила една од најголемите банди во земјата која одгледувала канабис и го продавала низ цела Европа.

Во големи операции во неколку шпански градови, Португалија и Холандија, полицијата уапсила најмалку 65 лица, повеќето кинески државјани.

Во акциите помогнати од Европол, учествуваа повеќе од 350 припадници на безбедносните сили кои извршиле претрес во 29 големи магацини и други објекти во Барселона, Тарагона, Овиедо, Хихон и Билбао и во приватни резиденции во Португалија и Холандија.

Полицијата открила 13 плантажи во затворено со скоро 40.000 стебла марихуана чии исушени пупки може да се продадат за шест милиони евра на европскиот црн пазар.

Бандата, која бизнисот го водела главно од базата во Барселона, исто така е под истрага за киднапирања и други злосторства извршени во војната за контрола на производството и продажбата на марихуана.

Кинеските власти им помагале на шпанските колеги во истрагата за можна трговија со луѓе и перење пари, во врска со операциите на разбиената банда.