Ѓорѓиевски учествуваше во хуманитарна акција за подготовка и распределба на повеќе од 200 оброци
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше во хуманитарна акција за подготовка и распределба на повеќе од 200 оброци наменети за корисниците на народните кујни на Скопската Епархија.Акцијата беше реализирана во соработка со отец Оливер и хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, со која, како што истакна Ѓорѓиевски, соработката трае уште од самото формирање на организацијата.
„Во денови кога тишината често зборува погласно од зборовите, вниманието и човечката топлина се најголем подарок што можеме да го дадеме. Да направиш некого да се почувствува забележан и поддржан, дури и за миг, е нешто што длабоко ме исполнува како човек“, порача градоначалникот.
Според него, иако не е можно да се помогне на сите и насекаде, обврска на секој поединец и институција е да даде максимум таму каде што потребата е најголема. Тој нагласи дека овие активности се доказ дека човечноста и добрината сè уште живеат во заедницата.
Ѓорѓиевски упати и јавен повик до сите граѓани кои имаат можност и желба да помогнат, да се приклучат на хуманитарните иницијативи, без разлика на политичка, верска или етничка припадност.
„Само преку искрени и несебични дела можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига“, истакна тој, додавајќи дека ваквите хумани активности ќе продолжат и во иднина.
