Економските врски меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави бележат постојан раст

Економските врски меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави бележат постојан раст, а клучна причина за тоа се реформските процеси што ја зголемуваат довербата и кај граѓаните и кај инвеститорите. До овој заклучок дојдоа заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, на денешната средба одржана во Министерството за транспорт.

-Добрите билатерални односи директно придонесуваат за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, при што подобрувањето на деловната клима останува една од стратешките определби на Владата за побрз економски и општествен развој во сите области на државата, оцени вицепремиерот Николоски.

Во фокусот на разговорите беше и реализацијата на инфраструктурните проекти на Коридорите 8 и 10, како и Коридорот 10-д, при што беше нагласена силната посветеност на Македонија кон доизградба и модернизација на овие стратешки регионални правци.

Посебно беше истакнато значењето на вклученоста на компании од САД во реализацијата на инфраструктурните проекти.

-Ваквата соработка претставува важен извор на нови знаења, технологии и современи практики за домашните компании, а воедно е и гарант за успешна реализација на капиталните инвестиции, истакна вицепремиерот Николоски.

На средбата, на која уште еднаш беа потврдени одличните односи меѓу Македонија и САД, се разговараше и за стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и за силната поддршка од страна на САД во насока на јакнење на демократските процеси, спроведување на структурните реформи, владеењето на правото, борбата против корупцијата и процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

-Во име на македонските граѓани, изразувам голема благодарност за поддршката што амбасадорката Ангела Агелер ја обезбедуваше преку својот личен ангажман за време на нејзиниот мандат, како искрен пријател на Македонија, нагласи Николоски.

На крајот од средбата беше заеднички заклучено дека пријателството и партнерството меѓу Македонија и САД ќе продолжат и во иднина, преку континуирана заедничка посветеност на процесите на демократизација и спроведување на суштинските реформи.