Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска излезе на протест пред Собранието и пред Стопанската комора на Северна Македонија во израз на незадоволство од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и со барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата, а со тоа и спирално зголемување на сите останати плати согласно колективните договори.
ССМ бара од пратениците да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор, измена и дополнување на Законот за минимална плата, потпишување на Општ колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски испрати порака до пратениците во Собранието, дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.
– Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист, порача Димовски.
Тој потсети и на барањата за зголемувањето на минималната плата. Поради ценовните шокови на прехранбените продукти, Димовски истакна дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечна плата, односно 18.000 денари.
– Исто така, потребно е и останатите плати да растат бидејќи се зголемија животните трошоци и затоа е неопходна примената на Колективните договори по сектор или гранка, со цел да не дојде до израмнување на платите, истакна претседателот на ССМ и додаде дека од 30.000 работници со минимална плата, бројката сега достигнала до 110.000 и побараа исплата на регрес за сите работници.
Додека синдикалните работници го продолжија протестот кон Организацијата на работодавци на Македонија и Стопанската комора на Македонија, претседателот на ССМ беше примен во Собранието.
По средбата со пратениците кои беа присутни во законодавниот дом, Димовски соопшти дека добиле ветување оти недела неработен ден ќе биде изгласан наредната недела и законското решение за сите работници кои ќе одмораат или ќе работат во недела ќе почне да важи од 1 јануари.
– Имаме гаранција, имаме решение, ќе седнеме и ќе разговараме со цел да се донесе и законското решение за зголемување на минималната плата, барем до јануари 2022 година, додаде тој.
Синдикалците потоа се упатија кон Владата, каде треба да го достават барањето за исплата на регрес на сите работници.