Невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на Скопје, каде до вчера до 22:00 часот биле евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица, соопшти МВР.
Дополнително, биле оштетени повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство, според МВР.
На подрачјето на СВР Куманово се пријавени девет оштетени возила и три оштетени кровови, додека на подрачјето на СВР Тетово се евидентирани пет настани – три оштетувања на патнички моторни возила и две оштетувања на кровови. Во Гостивар нема пријавени оштетувања ниту повредени лица.
Во СВР Велес се пријавени две оштетувања на патнички моторни возила предизвикани од паднати дрвја, а на подрачјето на СВР Штип се регистрирани 14 оштетувања на патнички возила и шест оштетувања на кровни конструкции.
На подрачјето на СВР Струмица пријавени се паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.
МВР соопшти дека на подрачјето на СВР Битола не се регистрирани значителни последици, освен краткотраен силен ветер на подрачјето на Полициската станица Македонски Брод, без пријавени материјални штети или паднати дрвја.
Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот бил предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу еден и пол час.
Во Транзитниот центар Табановце се регистрирани оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти, како и паднати дрвја, без предизвикана материјална штета.
Од МВР информираат дека полициските службеници продолжуваат со активностите за расчистување на последиците од невремето и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
