Обвинителството на специјалната антикорупциска канцеларија на Украина денеска соопшти дека претседателот на Врховниот суд на Украина е уапсен.

Објавени се и фотографии од парите кои му се најдени, но не соопштуваат за кого станува збор, ниту други детали.

Агенцијата Франс прес сега дава повеќе детали за апсењето на првиот човек на Врховниот суд и наведува дека станува збор за Всеволод Книјазиев. Тие пишуваат и дека ова е најголемата истрага за поткуп во историјата на земјата во износ од 2,7 милиони долари додека Киев спроведува антикорупциски мерки неопходни за поблиска интеграција со ЕУ.

„Претседателот на Врховниот суд е приведен“, изјави за новинарите во Киев Олександр Омелченко, обвинител во антикорупциската канцеларија на Украина. Омелченко рече дека две лица, меѓу кои и Книјазиев, биле приведени како дел од истрагата, но одби да го идентификува другото лице.

„Ова е најголемиот случај досега во кој е вклучено судството“, рече шефот на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) Семен Кривонос, споредувајќи ја групата судии во рамките на Врховниот суд кои беа вклучени во истрагата со „криминална група“.

Антикорупционерите велат дека украинскиот милијардер Костијантин Жеваго нудел мито на судски службеници, а адвокатска фирма дејствувала како посредник. Антикорупционерите рекоа дека Жеваго префрлил 2,7 милиони долари на адвокатите, од кои 1,8 милиони долари требало да бидат исплатени на судиите на Врховниот суд и 900.000 долари на адвокатите за нивните „посреднички услуги“.

Тие рекоа дека Жеваго се надевал дека ќе го поткупи судот за да донесе одлука со која ќе му дозволи да ја задржи контролата врз акциите во рударската компанија во центарот на спорот со поранешните акционери. Жеваго, поранешен пратеник во украинскиот парламент и еден од најбогатите луѓе во земјата, моментално е во Франција, а Киев се обидува да обезбеди негова екстрадиција.

Тој веќе бил уапсен во Франција во декември под сомнение за перење пари и злоупотреба на средства поврзани со неговиот банкарски бизнис.