Додека светските лидери се собираат на Светскиот економски форум во Давос, украински уметници ја претворија тамошната Руска куќа, место што вообичаено го користи руската делегација, во „Руска куќа на воените злосторства“, објави денеска Би-Би-Си.

Фотографии од масовно уништување во украинските градови, гранатирани од руските сили, се претставени на изложба во зграда во швајцарскиот зимски центар на Алпите.

Руската инвазија на Украина е во фокусот на четиридневниот настан, кој ќе започне подоцна денеска, со видео обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Ниту еден руски функционер или компанија нема да присуствува на овогодинешниот Самит.

Претседателот на Светскиот економски форум, Борге Бренде, повика на своевиден Маршалов план за обнова на Украина, реферирајќи се на иницијативата на САД која помогна да се обнови Европа по Втората светска војна.

Бренде рече дека реконструкцијата во Украина треба да почне без оглед на исходот од мировните преговори.