Запленети 235,5 килограми режан тутун за којшто е избегнато плаќање акциза во износ од над половина милион денари во координирана акција на Секторот за контрола и истраги на Царинската управа, Единицата за економски криминал при Одделот за крим полиција при Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат, спроведена во текот на вчерашниот ден на пазарите во Скопје и Тетово. Во акцијата e запленет и пиротехнички материјал, односно 2.000 парчиња петарди и 27 кутии огномет.
Акциите се дел од заедничките активности на институциите коишто се спроведуваат со цел спречување пуштање на стока во промет за која не се платени акцизни давачки, како и пуштање во промет на забранета стока која е ризична по здравјето на граѓаните.
Стоката е привремено одземена, а од страна на Царинската управа до надлежните институции ќе бидат поднесени соодветни пријави.