– Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат камени орудија /оружје и животински коски. Предметите се откриени во 21 слој чија дебелина изнесува 5,5 метри, велат од Музејот.
Најголем дел од камените артефакти се состојат од јадра и одбитоци што го чинат технолошкиот процес од суровина до готово орудие: кршење на јадра, обиди за тестирање, одбитоци со кора, одбитоци со различни димензии, поправка и доработка, љушпи од ретуш. Од типичните орудија и оружје откриени се струшки, назабени и со засек орудија, шилци и др. Поголем дел од нив се изработени од кварц – бел и проѕирен, а од другите суровини се употребува: базалт, риолит, јаспис, кварцит и кремен.
Животинските коски потекнуваат најмногу од елени, а во помал број од говеда, козорози, диви свињи, диви мечки, хиени, птици и др.
Остатоците од животински коски, покажало истражувањето, упатуваат не само на храна, туку и на намерна обработка од страна на жителите. Пештерата за живеалиште била користена во долг временски период од 40 до 100.000 год. п.н.е. согласно археолошките наоди и хемиските анализи.
Овогодинешните истражувања биле насочени кон новоотворената сонда 5 која се наоѓа на 13-тиот метар од влезот, а во северниот дел од пештерата, кој е повеќе заштитен од надворешни влијанија. Во четирите метри квадратни и длабочина од 60 сантиметри се документирани четири слоја. Во овој простор се откриени повеќе горилишта со јаглени и броен археолошки материјал.
Во однос на претходните истражувања камените алатки се поразновидни суровински и типолошки и поголеми се по димензии. Кај јадрата и одбитоците е констатирана среднопалеолитската техника – мустериен со левалуашки и дисковидни форми.
Паралелно со археолошките ископувања издвоен е материјал за неколку вида на анализи: животински заби со седименти за Електро Спин Резонанса која ќе се прави во одделот за хемија на Вилијам Колеџ, Научно истражувачки институт РФК од Њујорк и лабораторија Томсон, Америка и седименти за ОСЛ и ДНА анализи во лабораториите на Макс Планк Институтот, Германија.
Носител на проектот е НУ Археолошки музеј на РСМ, финансиран од Министерство за култура на РМ.
Во проектот учествувале Љиљана Шаламанов-Коробар – раководител на проектот, Благоја Китановски – археолог, Марина Спирова – археолог, Перо Синадиновски – археолог, Антонија Сарделиќ – архитект, Иван Жежовски – спелеолог, Ванчо Ханџиски– логистика.
Локалитетот Голема Пешт е во близина на село Здуње, Општина Македонски Брод, на 65 км од Скопје. Пештерата, покажало истражувањето, секако не е случајно користена на што упатува релјефот околу неа и добрата прегледност кон околината и реката Треска, денеска вештачка акумулација Козјак.
Првите сознанија за локалитетот се добиени од пробни сондирања на крајот на минатиот век, а систематските археолошки ископувања се одвиваат од 2003 година