Знамето беше истакнато додека тетовскиот градоначалник Билал Касами промовираше новоасфалтирана улица. Тој потоа даваше изјави за медиумите и се фотографираше додека во заднина се вееја знамињата на „голема Албанија“ и албанското национално знаме. Кажа оти знамињата ги поставиле граѓаните како „одговор на провокациите од власта“

Знаме со картата на т.н. „голема Албанија“ денеска повторно се вееше во Општина Тетово. Овој пат знамето беше истакнато додека тетовскиот градоначалник Билал Касами промовираше новоасфалтирана улица.

Касами потоа даваше изјави за медиумите и се фотографираше додека во заднина се вееја знамето на „голема Албанија“ и албанското национално знаме. Тој изјави оти знамињата кои се најдоа на денешниот настан ги поставиле граѓаните како „одговор на провокациите од власта“.

„Не само јас ниту граѓаните не се плашат од ваквите уцени, луѓето веќе се убедени дека мора да има промени на централна власт за да имаат подобри услови во иднина“, изјави Касами оценувајќи дека прекршочните пријави кои беа поднесени против него и Општината поради непочитувањето на Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ се политичка порака до него.

Прашан дали поставувањето на знамето на „голема Албанија“ ќе влијае врз соживотот во Тетово, тетовскиот градоначалник повторно кажа оти тоа е реакција на граѓаните на односот кој власта го има кон нив.

„Ова нема врска со организацијата на настанот и со Општината. Тоа што има врска со нас е промовирањето на оваа улица. Ова е порака до власта да не ги провоцира граѓаните зашто тие соодветно ќе одговорат“, одговори Касами.

На 11 август годинава во Тетово беше пречекан косовскиот премиер Албин Курти, а на концертот организиран во негова чест, човек од публиката вееше знаме со карта на „голема Албанија“. На настанот не беше истакнато националното знаме на државата, а не беше интонирана ниту државната химна.

Поради тоа, градоначалникот на Тетово подоцна доби две прекршочни пријави поради непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер, а вчера објави и дека до Општината стигнала покана од Основниот суд во Тетово за присуство на рочиште поради сторен прекршок при пречекот на Курти.

Во делот каде што се објаснуваат причините поради кои Судот во Тетово ја поведува постапката, наведено е дека при пречекот на Курти, Општината не постапила согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ, односно не ја интонирале државната химна и не го истакнале националното знаме на државата.

Прекршочните пријави кои се поднесени до него и до Општината, Касами во неколку наврати ги нарече „уште еден обид за заплашување и замолчување“.