Скопје добива прва подземна сообраќајница
Со официјалното означување на стартот на градежните активности, денеска започна реализацијата на првата фаза од булеварот „Македонија“, еден од најзначајните инфраструктурни проекти за Скопје. Почетокот на работите беше најавен во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, а од Град Скопје истакнаа дека со овој проект главниот град влегува во нова етапа на современ урбан развој.
Градоначалникот нагласи дека станува збор за проект кој со години бил во застој, но кој сега добива јасна динамика и визија, посочувајќи дека зафатот има суштинско значење за идната сообраќајна слика на Скопје.
Прва фаза од проект со пет етапи
Булеварот „Македонија“ ќе се реализира преку вкупно пет фази, при што актуелната е прва по ред. Иако подземната сообраќајница, како трета фаза, е веќе изградена, надлежните појаснуваат дека нејзиното целосно функционирање е возможно само по завршување на сите фази од проектот.
„Иако подземната сообраќајница е изградена, таа не може да функционира без комплетирање на проектот. Затоа денешниот почеток е клучен чекор“, беше истакнато од надлежните институции.
Реконструкција, проширување и ново сообраќајно решение
Во рамки на првата фаза ќе се изведе реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на одделни сообраќајни ленти, со цел подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ кај Рампа, улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до влезот во „Борис Трајковски“.
Во оваа етапа е предвидено проширување на улицата „Пролет“ со дополнителна коловозна лента и воведување побезбедни раскрсници со ново сообраќајно решение. На дел од трасата ќе се воведе еднонасочен сообраќај, а на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори.
Погледнете ја фотогалеријата:

Инфраструктура за поодржлив и побезбеден град
Скопје добива прва подземна сообраќајница. Паралелно со коловозните зафати, ќе се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници, што, според надлежните, претставува значаен чекор кон поотпорна и одржлива урбана инфраструктура.
Подземната сообраќајница ќе располага со вкупно шест ленти, од кои четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и пешачки патеки. Од Град Скопје очекуваат со нејзиното пуштање во употреба значително намалување на сообраќајниот метеж, побрзо движење низ централното градско подрачје и создавање побезбеден и покомфорен урбан простор.
Проектот беше оценет како „ново поглавје во развојот на Скопје“ и јасен исчекор кон модерен, функционален и европски ориентиран град.
