Eнергетската и економската криза, ЕУ интеграција на земјава, војната со Украина, но и кралицата Елизабета беа само дел од маските кои продефилираа на карневалот. Со безброј маски и костуми, вевчанци и годинава продефилираа низ улиците за време на традиционалниот карневал, пишува 360 степени и објави фотогалерија од настанот.
Вевчани и оваа година наликува на театар на отворено. Во фокусот на василичарите и годинава се актуелните политички и секојдневни случувања во земјава и светот. Eнергетската и економската криза, ЕУ интеграција на земјава, војната со Украина, но и кралицата Елизабета беа само дел од маските кои продефилираа на карневалот. Како и секоја година неизоставен дел на карневалското дефиле се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните.
По дефилето низ главната улица вевчанци го изиграа василичарското оро пред многубројната публика.
Вевчанскиот карневал е еден од најпознатите селски фестивали на Балканот. Се верува дека обичајот е стар над 1 400 години и се заснова на стари пагански верувања. Вевчанци веруваат дека со своите маски ќе ги избркаат злите духови од нивните животи. Во 1993 година, карневалот и селото Вевчани официјално станаа дел од Светската федерација на карневалски градови.