Продолжува темелното чистење на кејот на Вардар: Ѓорѓиевски најавува дека ќе стане трајна пракса

Темелното чистење на кејот на реката Вардар продолжува со засилен интензитет. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на Фејсбук информира дека екипите на јавните претпријатија секојдневно ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки, како и коритото на реката. Тој истакна дека се отстранува сè она што со години било занемарено и го нарушувало изгледот на градот.

Ќе стане секојдневна активност

Според Ѓорѓиевски, ваквото одржување ќе прерасне во трајна и редовна пракса, со цел кејот да биде уреден и пристапен за скопјани и гостите на градот. Како што наведе, Вардар повторно треба да го добие својот сјај и да го одразува достоинствениот лик на главниот град.

Погледнете дел од фотографиите.

Реакции од граѓаните на социјалните мрежи

Објавата на градоначалникот предизвика бројни реакции од граѓани, кои споделија пофалби, но и забелешки. Повеќето коментари упатија поддршка за досегашните активности, со очекувања акцијата да се прошири низ цело Скопје.