Конечно, по 11 години работа пуштени се во употреба првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани до Ботун. Оваа делница за власта е показател за разликата меѓу неа и политичките опоненти и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада, наспроти минатата која го оставила како проект кој бил заборавен и напуштен, на кој немало работници инженери, ниту машини.

Мицкоски и Николоски со обраќање

На пуштањето во употреба премиерот Христијан Мицкоски имаше свое обраќање.

  • Секој метар од овој автопат е изградeн со напорна работа, но и со јасна волја за напредок, волја да се стави крај на неуспесите од минатото. И не застануваме тука. Следната година, автопатот Кичево- Охрид ќе биде целосно завршен и ставен во функција. И тоа нема да биде случајна победа, туку планиран успех- резултат на вредна, секојдневна, одговорна работа, рече Мицкоски.

Вицепремиерот Николоски ова го оцени како симбол за неспособноста на СДСМ и ДУИ, но и проект по којшто се разликуваат двете влади.

  • Јас ќе бидам многу краток. За проблемите ќе зборувам кога ќе го завшриме целиот автопат. Ќе кажам две работи: Првата е дека ова беше симбол за неспособноста на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Ова беше заборавен и напуштен проект на којшто ниту имаше работници, ниту имаше инженери, ниту имаше машини. Ова е проект којшто е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа влада. Тоа е клучната разлика меѓу нас и нашите политички опоненти. Од првиот ден кога влеговме во Владата, мојот прв разговор со премиерот беше токму за овој проект. И најмногу време постветивме токму на овој проект. Ова е проектот којшто ја прави разликата. Ова позади мене е најдобриот доказ, рече Александар Николоски.

Освен Мицкоски и Николоски, обраќања имаа повеќе владини функционери. Првиот човек на ЈПДП, Коце Трајановски рече дека властите напорно работеле на оваа делница.

Погледнете фотогалерија од новиот автопат и денешниот настан

Погледнете и видео од целиот денешен настан.