Белата куќа објави фотографија направена со вештачка интелигенција на Доналд Трамп облечен како папа, предизвикувајќи критики од верници. Оваа фотографија на Трамп како папа на официјалните профили на социјалните мрежи доаѓа по смртта на папата Фрањо на 21 април, додека Ватикан се подготвува за избор на нов папа. Њујоршката католичка конференција го обвини Трамп дека ја исмева верата.
Фотографијата на Трамп облечен како папа беше објавена на профилите на Белата куќа. Ова предизвика остри реакции, особено по неодамнешната смрт на папата Фрањо.
„Нема ништо паметно и смешно во фотографијата, господине претседателе. Само што го погребавме нашиот сакан папа и кардиналите се спремаат да влезат во конклава за да го изберат неговиот наследник. Не нѐ исмевајте“, соопшти Њујоршката католичка конференција, која ги претставува свештениците од Њујорк
Неколку дена пред објавата, Трамп на шега им изјави на новинарите:
„Би сакал да бидам папа.“ Ова дополнително ги разлути верниците. Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, одби да го коментира ова.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, ги отфрли критиките.
„Претседателот Трамп беше во Италија за да му оддаде почит на папата Фрањо и да присуствува на неговиот погреб и тој е верен поборник на католиците и верските слободи“, рече таа
Извор: SDK