Операцијата за евакуација на француски и странски државјани од Нигер, преземена од француската Влада по државниот удар во оваа африканска земја, заврши денеска, соопштија францускиот министер за вооружени сили и француското Министерство за надворешни работи.

„Евакуацијата на нашите граѓани од Нигер штотуку заврши“, рече министерот Себастиен Лекорно во изјава објавена на социјалната мрежа „Икс“, додавајќи дека 1.079 француски и странски државјани „сега се безбедни“.

Во соопштението објавено во „Икс“, француското Министерство за надворешни работи прецизира дека меѓу евакуираните има 577 француски државјани, како и државјани на многу други земји, набројувајќи речиси 50 земји.

Вкупно пет авиони биле ангажирани од страна на француската армија од вторникот за операцијата.

Последниот се уште не се вратил во Франција. Авионот слета синоќа на воениот аеродром во главниот град на Чад, Нџамена, соопштија извори запознаени со операцијата. Патниците од летот се доверени на Француската амбасада.