– Ако САД извршат целосно повлекување на 31 август, како што беше планирано, за нас тоа значи дека нашата операција завршува во четврток вечерта. Значи имаме уште три дена, изјави Никола Рош, шеф на кабинетот на министерот за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.
Франција евакуираше речиси 2.000 француски државјани и Авганистанци во изминатите денови преку воена база во Абу Даби, откако претседателот Емануел Макрон истакна дека земјата ги отвора вратите за луѓето загрозени од талибанците.
Министерството за надворешни работи идентификуваше уште 62 француски државјана на кои им е потребна евакуација, а властите ги разгледуваат барањата на голем број Авганистанци кои сакаат да ја напуштат земјата.
Американскиот претседател Џо Бајден го определи 31 август како краен рок за завршување на хаотичниот воздушен транспорт, организиран од илјадници времено распоредени војници, но наведе дека може да биде продолжен доколку е потребно.
Портпарол на талибанците предупреди вчера дека нивното движење нема да се согласи со никакво пролонгирање, нарекувајќи го предвидениот рок „црвена линија“ и велејќи дека секое одложување ќе се смета за „продолжување на окупацијата“.
Неколку западни земји предупредија дека нема да биде можно во овој краток период да се евакуираат сите оние кои сакаат да заминат од Авганистан.