Американскиот пратеник Роберт Мели им се придружи на своите колеги од Франција, Велика Британија и Германија синоќа на состаноците во Париз, во, како што го нарече француското Министерство за надворешни работи, „критичен момент“ за напорите за спас на договорот.

– Итно и клучно е Иран да ги прекине активностите што имаат невидена тежина и што го прекршуваат договорот, како и веднаш да ја продолжи целосната соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Ен-Клер Лежандре.

Францускиот претставник потврди дека американските и европските партнери се подготвени веднаш да се вратат на преговорите со Техеран, со цел брзо да се склучи договор за враќање на Иран кон обврските и враќање на САД на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA).

Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека САД и нивните партнери „се обединети во верувањето дека дипломатијата останува најефективниот начин да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје“.