Француските власти замрзнаа имот од 800 милиони долари во сопственост на руски олигарси како дел од санкциите по руската инвазија на Украина, изјави денеска за новинарите во Париз портпаролот на француската влада Габриел Атал.
„Овие санкции се чувствуваат во Русија, каде што економијата се тетерави, рубљата пропаѓа, берзата во најголем дел сè уште е затворена, а Централната банка е силно погодена, рече тој.
– Нема да има табу ако треба да одиме понатаму, рече Атал во однос на какви било дополнителни санкции.
Последната рунда санкции на Европската унија на почетокот на март против Русија вклучуваше мерки насочени кон 160 олигарси и руски политичари.
Министерот за финансии Бруно Ле Мер во неделата изјави дека Франција досега замрзнала околу 150 милиони евра приватни банкарски сметки кај француските финансиски институции и недвижен имот во земјата во вредност од 539 милиони евра, а станува збор за триесетина недвижности или станови.
– Франција исто така го блокираше користењето на две јахти во руска сопственост вредни околу 150 милиони евра, рече Ле Мер