Французите ќе гласаат утре на парламентарни избори на кои сојузниците на претседателот Емануел Макрон сакаат да го задржат мнозинството, но се повеќе се загрозени од новата левичарска коалиција.
Изборите за 577 места во Долниот дом на Националното собрание се одржуваат во два круга, а изгледот на новиот парламент ќе биде јасен дури по вториот круг, една недела подоцна, на 19 јуни.
Изборите ќе ги заокружат претседателските избори во април на кои Макрон беше реизбран ветувајќи нова ренесанса бидејќи неговиот прв мандат беше обележан со протести, пандемијата на Ковид-19 и руската инвазија врз Украина.
Ако претседателската алијанса Заедно задржи мнозинство, ќе може да продолжи да владее како порано. Доколку не успее, може да доведе до коалиција со други партии од десницата и несакана реконструкција на владата.
Победата на левичарската коалиција, која аналитичарите ја сметаат ниту веројатна, ниту невозможна, би била катастрофа за Макрон и би го разбудила демонот на тешката „кохабитација“ кога премиерот и претседателот се со различни политички ориентации, што ја парализирало француската политика во минатото.
Левичарот Жан-Лук Меланшон, поранешен марксист, веќе јасно стави до знаење дека има амбиции да стане премиер и сака да ги задуши плановите на Макрон за зголемување на старосната граница за пензионирање, иако претседателот ќе ја задржи контролата врз надворешната политика.
Од 577 членови на Националното собрание, осум ги претставуваат француските прекуморски територии и 11 – француските државјани кои живеат во странство. Партијата на Макрон и нејзините сојузници во моментов имаат апсолутно мнозинство од 345 места.
Неодамнешната анкета на Ипсос покажува дека коалицијата на Макрон ќе добие 275 до 315 пратенички места, што значи дека апсолутното мнозинство во никој случај не е загарантирано, за што се потребни 289 пратеници. Според францускиот систем, кандидатот треба да освои повеќе од половина од гласовите и да добие поддршка од најмалку 25 отсто од регистрираните гласачи во изборната единица за директно да биде избран во првиот круг.
Инаку, двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови, како и секој друг кандидат кој освоил најмалку 12,5 отсто од гласовите на запишаните избирачи, одат во вториот круг во кој победува кандидатот со најмногу гласови.
Првиот круг од изборите за Французите кои живеат во странство се одржа претходно, а резултатите објавени во понеделникот покажуваат дека кандидатите на Макрон се први во осум од 11-те изборни единици