Во Париз денеска се одржуваат низа церемонии во спомен на жртвите од терористичките напади пред 10 години, објавија француските медиуми.

Преживеаните од нападите, роднините на починатите, јавни личности и обични Французи се собраа во областа на стадионот „Стад де Франс“ во предградието Сен Дени, каде што пред 10 години тројца терористи се разнесоа и го одзедоа животот на првата жртва – Мануел Дијаз. Денеска, ќерката на Мануел – Софија, исто така беше на ова место и одржа трогателен говор.

-Мојот татко го сакаше животот. Никогаш нема да го заборавиме. Тој ни вели да ја свртиме страницата 10 години подоцна, но неговото отсуство е огромно, рече Софија.

Потоа присутните положија цвеќе пред спомен-плочата на која е напишано името на првата жртва на нападите.

Церемониите продолжуваат на сите други места погодени од нападите пред 10 години – шест ресторани и концертната сала Батаклан. На секое место, толпата застанува и се сеќава на жртвите таму со положување цвеќе и свеќи. Последната церемонија е пред концертната сала Батаклан.

Елисејската палата објави дека претседателот Емануел Макрон, исто така, присуствува на церемониите. Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, исто така, присуствува на комеморативните настани.

Макрон на „Х“ напиша „Франција се сеќава“ и „Болката останува“.

„Десет години. Болката останува. Братски обединета во сеќавањето, Франција се сеќава на изгубените животи, на ранетите, на семејствата и на најблиските“, се вели во комеморативната порака на Макрон.

Синоќа, Ајфеловата кула во Париз беше осветлена со боите на француското знаме во спомен на жртвите пред 10 години. Ќе биде осветлена на ист начин и денеска.

На Плоштадот на Републиката, каде што сите комеморативни церемонии се емитуваат во живо на екраните денеска, луѓето оставаат свеќи, цвеќе и пораки во спомен на убиените пред 10 години.

Во нападите од 13 ноември 2025 година, група од 10 терористи уби 130 лица. Уште три лица кои ги преживеаја нападите извршија самоубиство подоцна. Стотици луѓе беа повредени во нападите. Девет терористи загинаа на денот на нападите и во полициска операција пет дена подоцна. Единствениот преживеан доби доживотна казна затвор.

Денеска, безбедносните мерки во Париз и низ цела Франција се засилени. По повод трагичната годишнина, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез потсети дека од почетокот на годината, властите спречиле шест планови за терористички акти.

Вечер, во Париз ќе биде отворена спомен-градина во спомен на жртвите од нападите од 13 ноември 2015 година.

За четири или пет години, во Париз се планира да се отвори Меморијален музеј на жртвите од сите терористички акти во земјата.

Следната година, Франција ќе одбележи уште една слична годишнина – 10 години од терористичкиот напад во Ница, во кој загинаа речиси 90 лица, а 300 беа повредени.