Има Договор и тој треба да биде имплементиран, ама легитимно е јасно да биде кажано дека потоа нема да има нови дополнувања, други чекори по патот, освен оние од нормалниот процес на реформи, легислатива, тоа што и секоја земја мора да го направи, изјави францускиот министер за Европа, Бенџамин Хадад во интервју за МРТ.

Тој вели дека Франција е подготвена да помогне да се внесе повеќе доверба и сигурност во процесот.

-Важно е македонската влада да ги имплементира овие мерки, ама важно е и да се покаже дека ќе имаат конкретен резултат, дека ќе го поплочат патот на отворање на преговори и дека потоа ќе имате нормален процес – да правите реформи, отворате кластери, затворате поглавја и на крајот на патот да станете членка на ЕУ. Значи има Договор и тој треба да биде имплелентиран и мислам дека тука Владата во Скопје има одговорност и сакам да сум јасен за ова, но, сакам да кажам и дека ние сме пријатели на Македонија, ние сме пријатели на нејзиното население и тука сме да помогнеме да се создаде доверба и дека нема да има повеќе билатерализација и дека ќе можеме да продолжиме после ова – вели Хадад во интервју за МРТ.

На прашањето како ќе помагаат кога за официјална Софија ова е завршен договор и нема простор за интервенции, Хадад вели дека е направено тоа што треба и сега треба да се имплементира.

– Видете, ова можеби не е разговор што треба да го водиме сега, туку со луѓето околу масата. Но, има документ, има договор и тој треба да биде имплементиран како таков, тој не може да се менува. Сепак, уште еднаш – мислам дека е легитимно да биде кажано јасно дека кога ќе биде имплементиран – ОК, направено е тоа што треба и сега да продолжиме без нови услови, без нови дополнувања, без други чекори по патот освен оние од нормалниот процес на реформи, аки, легислатива, тоа што секоја земја мора да го направи. И оваа порака мора јасно да биде кажана од сите 27 земји членки! Сите! И ова е нешто што Франција го поддржува и на ова ќе работиме и со Комисијата и со другите партнери за да се прати оваа многу јасна порака – вели тој.

Хадад во интервјуто зборуваше и за новата комуникација на ЕК за проширувањето оценувајќи дека постепената интеграција не е замена за членство, туку таа за кандидатите значи користење на низа бенефиции додека се чека влезот.

– Не смееме да оставиме области среде континетот кои се отворени за дестабилизација, влијанија, непријателства. Знаете, често велам Скопје, Сараево, Белгад се поблиску до Париз од Украина! Имавме ужасна војна што го распарчи овој регион пред само три декади. Тоа беше вчера. И патот кон ЕУ е најдобриот начин да се воспостави мир и стабилност во овој дел од светот – вели Хадад.