Премиерката истакна дека суверенитетот е неприкосновен и НАТО треба постојано присуство во Арктикот

Данска е подготвена за разговори со САД за билатералните односи, зајакнување на соработката и безбедноста, но има свои црвени линии за кои не може да преговара, изјави вечерва премиерката Мете Фредериксен при пристигнувањето на неформалниот Самит на ЕУ во Брисел.

„Од самиот почеток нагласивме дека за нашиот суверенитет не може да се дискутира. Секако, соработуваме со САД, како што сме правеле отсекогаш, во врска со безбедноста, но за нашите црвени линии и демократски правила не може да се преговара. Соработуваме многу блиску многу години, но мора да соработуваме со почит, без закани едни кон други, и затоа се надевам дека ќе најдеме политичко решение како сојузници“, рече Фредериксен.

Премиерката се заблагодари на „цела Европа“ во името на Данска и Гренланд за сета поддршка што ја добиваат. Таа истакна дека кога Европа е обединета, јасна и силна во презентирањето на своите цели, се постигнуваат резултати.

„Тоа беше исклучително важно во оваа многу тешка ситуација во која се наоѓаме. Мислам дека научивме нешто во текот на последните неколку дена и недели и сега сакаме да најдеме решение“, додаде Фредериксен.

Таа потенцира дека е побарано од НАТО да биде поприсутен во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во Алијансата се согласуваат за потребата од постојано присуство во Арктикот, вклучително и околу Гренланд.