Играчот за врска на италијанскиот фудбалски прволигаш Џенова, Маноло Портанова (21), е сместен во куќен притвор заедно со уште две лица поради обвинение за силување.
Неговиот адвокат Габриеле Бодони, италијанската полиција и екипата на Џенова, засега, не го коментираат случајот.
Портанова и неговите пријатели се приведени, откако 23-годишна девојка ја известила полицијата дека била силувана од четворица мажи на возраст од 21 до 24 година.
Наводниот инцидент се случил на куќна забава во градот Сиена, а соиграчот на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев е приведен додека бил на одмор во Месина.
Портанова дојде во Џенова во јануари од Јувентус и минатата сезона одигра три прволигашки натпревари.
Неговиот татко Даниеле Портанова е поранешен играч на Сиена, Болоња и Џенова.