– За неполни два месеци во населба Раштански пат заврши изградбата на нов фудбалски терен со асфалтна подлога. Средствата за изградба на овој терен ги обезбеди Бирото за регионален развој на РС Македонија, а за негова финализација потрошени се четири милиони денари. При овој зафат изграден е терен за мал фудбал, што е целосно заграден со висока жичана ограда, а деновиве се очекува да бидат поставени рефлектори за ноќни натпревари. Ќе бидат поставени и околу 200 пластични столчиња на трибината што е изградена во склоп на теренот, нагласи Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој, посочувајќи дека овој терен ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните од оваа населба.

Градежните работи на новиот фудбалски терен ги изведе компанија „Прпарими“ од Кичево.

Реџепи информира дека со средства од истиот извор, изграден е и асфалтиран патот од селото Гарани до село Шутово, во должина од околу три километри.

Најави нови инвестиции во Општина Кичево и во наредната календарска година, се со цел да се подобрат условите за живот и престој во градот и селата во Општината.