Исплатата на боледувањата, породилното отсуство и рефундацијата на осигурениците ќе им бидат исплатени кога системот ќе биде ставен во целосна фукнција, соопштија денеска од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), чиј што систем беше хакиран пред една недела.
Од Фондот велат дека тимовите се уште работат за да го вратат во функција системот, а во меѓувреме издале „привремени решенија со кои се надминуваат дел од проблемите“.
Во меѓувреме велат дека стапуваат во комуникација со јавните здравствени установи, да ја приберат потребната документација за да извршат исплата на плати за здравствените работници.
„ФЗО ги користи капацитети и знаењата на сите внатрешни и надворешни ИТ експерти за кои има правна можност. Во однос на осигуреници кои поради било која причина менуваат матичен лекар ( вклучително и поради пензионирање на претходниот матичен лекар ) изготвени се насоки за матичните лекари како да постапуваат во таков случај“, се вели во соопштението од Фондот.
Сајбер нападот на Фондот ги врати во функција хартиените обрасци, донесе страв и многу нервози кај граѓаните и медицинскиот персонал. Покрај хакирањето на серверот, пропусти во функционирањето на ИТ-системот и неговата безбедност пронајде и Државниот завод за ревизија, од каде во последниот извештај, нотираа низа пропусти.