Министрите за енергетика бараат детална анализа пред акција

Министрите за енергетика на земјите од Г7 денеска решија да не преземаат непосредна акција за ослободување на стратешките нафтени резерви. Тие побараа од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) да направи детална процена на ситуацијата пред да се преземат понатамошни чекори.

ИЕА најави вонреден состанок на своите членки со цел да се обезбеди комплетна анализа на можните сценарија на пазарот.

– Сите се подготвени да преземат мерки за стабилизација на пазарот – изјави францускиот министер за финансии Ролан Лескир. Тој додаде дека министрите побарале од ИЕА да разработи опции за потенцијално ослободување на резервите и дека е важно да постои подготвеност за дејствување во секој момент.

По најавата на Г7, цените на нафтата паднаа за околу седум отсто. Тоа се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп предвиде дека конфликтот на Блискиот Исток би можел наскоро да заврши, што ги ублажи стравувањата од долготрајни нарушувања во снабдувањето.

Лидерите на Европската унија подоцна денеска ќе разговараат за конкурентноста и цените на енергијата, вклучително во состанокот со германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и белгискиот премиер Барт Де Вевер.

Европските влади се соочуваат со ризик од повторување на енергетската криза од 2022 година, кога високите цени на енергијата принудија некои индустрии привремено да ја прекинат работата поради руските напади врз Украина.

ЕУ увезува повеќе од 90 отсто од потребната нафта и околу 80 отсто гас. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека моменталната криза го покажува колку е Европа ранлива поради зависноста од скапиот и нестабилен увоз на фосилни горива.

Членки на Г7 се Соединетите Американски Држави, Канада, Јапонија, Италија, Велика Британија, Германија и Франција.