Според Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, меѓу кои и судија, обвинител… и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. И со оглед на тоа дека на јавен конкурс отворен за тестирање на кандидати за слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), не смее да се дискриминира, зачудува логиката на жигосување на некои лица само заради нивното звучно име и семејна припадност бидејќи се пријавиле, поминале низ процесот на тестирање, се запишале и потоа ја завршиле почетната обука.
Ова, во интервју за МИА го истакна директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска по реакциите во медиумите откако беа објавени имињата со конечните резултати од завршниот испит на седмата генерација во која има презимиња кои се исти со личности носители на јавни функции. Според неа, не треба да се критикува семејната традиција по однос на некои професии, бидејќи, како што вели, тоа не е случај само со правната професија, туку и со други како што се медицина, инженерство, па и новинарството.
-За мене е тоа нормално, бидејќи потомството расте во средина во која нивните родители зборуваат за својата работа, поседуваат соодветна литература и информации, негуваат одреден афинитет кој влијае врз нив. Погледнато подлабоко, мислам дека најголемиот број на академци од оваа генерација имаат такви допирни точки со правната професија, смета Габер Дамјановска.
Директорката на АСЈО во интервјуто за МИА вели дека најважно е како овие млади луѓе ќе ја вршат својата професија во иднина, дали ќе покажат ефикасност, резултати и интегритет во нивното работење, без разлика на нивното презиме, бидејќи истиот тест ги чека сите завршени слушатели.
Габер Дамјановска апелира да им се даде шанса на сите да се докажат и нагласува дека и успехот и одговорноста во оваа професија се неизбежно лични. Таа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители им порача да внимаваат на работните позиции на кои овие идни судии и обвинители ќе се постават да не бидат во спротивност со Законот за судир на интереси.
-По стапувањето на должност, бездруго нивното работење еднакво како и на другите колеги, ќе се прилагоди на стандардните правила за изземање од определени случаи кога постои судир на интереси. Впрочем, двата совета на годишно ниво ја следат и оценуваат работата на сите судии и обвинители, а тоа е битен чинител при унапредувањето, нагласува Габер Дамјановска.