На сцената на Националната опера и балет вечерва ќе се одржи гала оперски концерт, насловен „ARIGATO“, што во превод од јапонски јазик значи „благодарам“, во знак на благодарност по повод реализацијата на проектот од јапонската програма за развој на културата – „Проект за подобрување на музички инструменти, опрема за озвучување и осветлување на Национална опера и балет”.
Концертот, како што е најавено, ќе го отворат амбасадорот на Јапонија Савада Хиронори и директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов.
На концертот, хорот, оркестарот и солистите на Националната опера и балет ќе изведат 16 композиции од кои последната ќе биде „Хурусато“ од Алесандро Д’Агостини во изведба на Благој Нацоски.
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер: Дејан Прошев, светло дизајн: Милчо Александров, концерт мајстор: Климент Тодороски, хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
На Гала оперскиот концерт ќе настапат нашите солисти: Сандра Митровска – сопран, Наде Талевска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Елена Голомеова – сопран, Соња Пендовска Мадевска – мецосопран, Благој Нацоски – тенор, Зоран Сотиров – тенор, Никола Стојчески – тенор, Ристе Велков – баритон, Игор Дурловски – бас, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
На програмата ќе бидат изведени арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од композиторите: В. А. Моцарт, Ш. Гуно, Џ. Пучини, Џ. Верди, Л. Делиб, Р. Штраус, Г. Доницети, Р. Леонкавало, Ф. Лехар и др.
Националната Опера и балет во соработка со ЏАЈКА доби опрема за осветлување, озвучување и музички инструменти во вредност од 79.800.000 јени (663.000 евра). Ова е втор голем проект за опремување на културна институција по обезбедувањето на нови инструменти во 2001 година за Македонската филхармонија.