Мерката „гарантирана цена“ ќе важи до крајот на следниот месец. Ова го соопшти министерот за економија Крешник Бектеши во телевизиско интервју потенцирајќи дека наскоро ќе биде изгласан и Законот за нефер трговски практики.
Одлуката која претходно владата усвои дека ќе важи до крајот на оваа година, Бектеши најави дека ќе се продолжи до крајот на јануари.
„Ќе продолжи мерката најмалку за еден месец бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за ‘гарантирана цена’ и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари“, рече министерот Бектеши.
Тој се осврна и на Законот според кој ќе има голем ефект кај граѓаните.
Претходно во текот на месец октомври министерот појасни дека податоците на терен покажуваат дека мерката за намалување на цените на основните прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ има простор да важи до крајот на годината.
„Во однос на втората Одлука согласно сите анализи и разговори со Државниот пазарен инспекторат, со Секторот трговија во Министерството за економија, а имајќи предвид дека е подготвен финалниот текст на Законот за нефер трговски практики, кој треба за кратко време да биде доставен во Собранието, а очекуваме да биде изгласан од пратениците, одлучивме мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, како и знакот „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември да важи до крајот на годината. Тоа ќе значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени од евентуално повторно зголемување на цените“ кажа министерот Бектеши.
Сепак, граѓаните се жалат дека инфлацијата „ги јаде“ нивните пари, а наоѓаат и многу нелогичности кај ваквата мерка.