Центар бележи рекордни цени на недвижности
Во првото полугодие од 2025 година, општина Центар се издвојува со рекордни цени на недвижности, со најскапо продаден стан во Скопје – достигнувајќи 2.857 евра за квадратен метар, што за 105 квадратни метри изнесува вкупно 300.000 евра. Исто така, во истата општина е регистрирана и најскапата куќа, продадена за 1.150.000 евра за 373 квадратни метри станбена површина и 1.357 квадратни метри земјиште.
Според податоците од Регистарот за цени и закупнини за првата половина од годинава, најскап деловен простор бил продаден во Центар, за 3.131 квадратни метри по цена од 6.800.000 евра. Најскап индустриски објект бил во Илинден, за 190.130.726 денари, додека најскапата гаража се наоѓа во Аеродром – 24 квадратни метри се продадени за 1.854.000 денари, односно 77.250 денари за квадратен метар.
„Највисок скок на цените на продадените станови има во Охрид – 27 проценти, Центар – 22 проценти, Тетово – 22 проценти, Битола – 20 проценти, а најмал скок е во Струмица – 2 проценти,“ се наведува во Извештајот на Регистарот за цени и закупнини.
Продажби и просечни цени по општини
Најмногу станови се продадени во Аеродром – 189, Чаир – 182, Центар – 181 и Карпош – 179. Највисока вкупна вредност од продажби е забележана во Центар – 1.261.042 илјади денари, следуваат Аеродром – 1.193.353 илјади денари и Карпош – 1.064.588 илјади денари. Просечната цена по квадратен метар е највисока во Центар – 101,9 илјади денари, потоа Карпош – 90,9 илјади, Аеродром – 82,0 илјади, Кисела Вода – 79 илјади и Охрид – 77 илјади денари.
Во споредба со истиот период од претходната година, најголем пораст на бројот на продадени станови е забележан во Тетово – 60 проценти, во Велес – 54 проценти и во Охрид – 50 проценти. Најголем пад е забележан во Куманово – 16 проценти.
Вкупни трансакции и раст на пазарот
Од 1 јануари до 30 јуни 2025 година, Регистарот на цени и закупнини бележи 15.779 трансакции, што е за 8,9 проценти повеќе од првата половина на 2024 година. Во истиот период се запишани 8.910 продажби на недвижности, 1.693 продажби од инвеститор, 439 откупи од државата и 63 продажби на лицитација, со вкупен број од 11.105 купопродажби, што претставува пораст од 4,9 проценти.
Закупите се зголемени на 4.674 за првата половина од 2025 година, што е раст од 20 проценти во споредба со истиот период од 2024 година. Вкупната вредност на купопродажбите достигна 515,9 милиони евра, што е пораст од 15,5 проценти споредбено со првата половина од 2024 година.
Најизразен раст на финансискиот обем се забележува во мај, а најмал во јуни 2025 година. Доминација имаат две категории на недвижности според бројот на купопродажби: земјоделско земјиште и шуми – 32,8 проценти, и станови – 32,5 проценти.
Најмногу купопродажби се регистрирани во Аеродром – 562, Гази Баба – 555 и Карпош – 527, додека најмалку во Бутел – 176. Највисока вкупна вредност на продажбите е во Центар – 65,8 милиони евра, следуваат Карпош – 56,7 милиони и Аеродром – 47,9 милиони, а најниска е во Штип – 10,0 милиони евра.
Споредбено со истиот период од претходната година, најголем раст на обемот на купопродажби е во Центар – 32 проценти, додека Гази Баба и Штип бележат пораст од по 28 проценти. Најголем пад е забележан во Аеродром – 29 проценти.
Вкупната вредност на остварените продажби покажува најголем пораст во Кисела Вода – 59 проценти и најголем пад во Куманово – 26 проценти.
